ПОРАСНАВ КАКО ПЕЈАЧ СО ПЕСНИТЕ НА СИНАТРА, ВЕЛИ ЏОН ИЛИЈА АПЕЛГРЕН ПРЕД КОНЦЕРТОТ СО НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 14 февруари, Џон Илија Апелгрен ќе биде вокал на концертот на Националниот џез оркестар во Операта со хитовите на Френк Синатра. Ова ќе биде втор концерт на џезерите под новото име, откако добија многу позитивни критики за претходниот во јануари, насловен „Џез нова“.

Апелгрен вели дека Френк Синатра е сѐ уште еден од најголемите и најпопуларни пејачи во светот на поп и џез музиката, и покрај тоа што се изминати 26 години од неговата смрт.

„Има продадено над 150 милиони плочи и снимено околу 1.100 композиции, од кои некои и по неколкупати во различни аранжмани. Од така огромен опус на творештво да се изберат неколку песни за еден концерт е навистина тешко. Направив некаков избор на песни кои мене ми значат, но, секако, и дел од оние кои му беа најпопуларни. Се надевам дека изборот ќе ѝ се допадне и на публиката која ќе дојде на концертот на Денот на вљубените“, рече Апелгрен.

Првпат со песна од неговиот репертоар има настапено некаде околу 1989 во Лондон.

„Но, за мене најзначајна беше ‘Њујорк, Њујорк‘, која всушност ми ги отвори вратите кон Биг бендот на тогашното Радио Скопје. Сметам дека сѐ што потоа следеше во мојата пејачка кариера се должи на успехот кој го имав со таа песна. Тоа ми овозможи понатаму да снимам песни кои мене лично ми значеа и беа дел од моето растење. Имав прекрасна соработка со Илија Пејовски, кој за мене ги направи првите аранжмани за биг бенд и беше продуцент на моите снимања со оркестарот, но и со диригентите Александар Џамбазов и Кире Костов, како и со целиот Биг бенд, иако бев најмлад меѓу нив во тоа време. На 90 проценти од моите настапи има барем неколку песни од репертоарот на Синатра“, вели Џон Илија Апелгрен.

„Со колегите од Националниот оркестар соработувавме уште од формирањето на ЗЏМ некаде во 2016“, вели Апелгрен

За него, како што вели, е прекрасна вест формирањето на Биг бендот како Национален џез оркестар од неколку причини.

„По растурањето на Биг бендот на РТС (МРТВ), се чувствуваа огромни празнина и недостаток на музика која еден таков состав ја изведува. Помина доста време, а во меѓувреме изникна една нова, млада генерација на неверојатни џезери, некои од нив школувани на најдобрите џез академии во светот, други на нашите џез академии, на кои навистина им треба место каде ќе творат и работат. Јас во моментов сум невработен, односно имам статус на самостоен уметник, а со колегите од Националниот оркестар соработувавме уште од формирањето на ЗЏМ некаде во 2016 или 2017. Од работата на ЗЏМ, сега веќе Национален џез оркестар, може да се забележи дека секој концерт е одлично посетен, дека кај нас сепак има публика која знае да го цени и овој вид на музика“, вели Апелгрен.

Во моментов, тој е сконцентриран на актуелниот концерт, но во исто време размислува за неговите следни самостојни концерти со помали состави.

„Сепак, сигурен сум дека нашата соработка ќе продолжи со нови концерти и предизвици, а следната година се надевам на еден специјален концерт по повод мојата 40-годишна дружба со микрофонот“, вели пејачот.

М. ЏАРОВСКА