НОСЕТЕ МАСКИ, МИЈТЕ РАЦЕ И ГЛАСАЈТЕ, АПЕЛИРАА АМЕРИКАНСКИТЕ МУЗИЧАРИ НА НАГРАДИТЕ БИЛБОРД

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Раперот Пост Малоун доби девет Билборд награди, меѓу кои и за најдобар музичар, на свеченоста во Лос Анџелес која се одржа без публика. Доделувањето на музичките награди беше поместено од април годинава, а на тричасовниот настан во театарот Долби, настапија голем број музичари, од кои повеќето го искористија настапот за да ја повикаат публиката да гласа на претстојните избори за претседател на САД.

Примајќи ја наградата за музичар со најголема продажба на песна, Лизо носеше фустан на кој беше испишано „Гласај“ и рече:

„Има моќ во тоа што си. Има моќ во твојот глас. Без разлика дали преку музика, протест или право на глас, користете ја својата моќ, користете го вашиот глас и одбијте да бидете потиснати”.

Били Ајлиш освои три награди, меѓу кои за најдобар нов музичар (Фото: Гети)

Тинејџерската ѕвезда Били Ајлиш, авторка на песната за новиот филм за Џејмс Бонд, „Не е време за умирање“, освои три награди и порача:

„Ве молам гласајте, носете маска, мијте раце и чувајте се“.