ЊУЈОРШКИ И НОРВЕШКИ АВАНГАРДНИ МУЗИЧАРИ ГО ЗАТВОРААТ 41. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со вечерашните два концерта во Националната опера и балет се затвора 41. издание на Скопскиот џез фестивал, кој на годинашниот репертоар имаше музичари од три континенти.

Од 20 часот е настапот на триото „Тамбскру“, опишано како гордост на бруклинската авангардна џез сцена. Покрај тоа што одбележува десет години постоење, бендот во Скопје ќе го претстави и својот нов, седми студиски албум.

И годинашниот фестивал не можеше да помине без скандинавската импровизаторска џез сцена, што вечерва ќе ја претстави ценетиот норвешки контрабасист Ингебригт Хокер Флатен, како дел од седумчлениот бенд „Кнар“.

„‘Кнар‘ е посвета на местата што Флакен ги посетил и секоја песна го доловува духот на градовите како Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Музиката е резултат на неговите богати искуства во различни жанрови и традиции, длабоко вкоренети во џезот и авангардата, како и во музиката на светот и психоделичниот рок“, се вели во најавата на последниот концерт на 41. СЏФ.