Првото издание на фестивалот „Од ребро до рокенрол“ ќе се одржи вечерва и утре во Младински културен центар во Скопје и тој по една специфика ќе се разликува од сите други музички настани што досега се одржале во Македонија.
Во уникатниот концепт, сцената на „Од ребро до рокенрол“ ќе ја преземат исклучиво жени, музичарки од разни генерации, што со инструменти во рацете, што како диџејки.
Најавен како „првиот планетарен сеженски фестивал“, на него ќе настапат „Ник Слотерс дотерс“, „Д Чикс“, „Анета Џорџ енсембл“, „Вивид“, Ина со „Тринити стрингс“ и Катерина Чедомирски, Мелани Дигит, Ели Раста грл со Тејка, како и групата „Ројал Алберт хол“, чии членки, како што се вели во најавата, ќе засвират заедно за првпат по 30 години пауза.
Настанот го организираат колективот „Од ребро до рокенрол“ и Младински културен центар, а почнува во 20 часот.