ОФФЕСТ ПО 17. ПАТ ЈА НОСИ ВО СКОПЈЕ МУЗИКАТА ОД СИТЕ МЕРИДИЈАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичари од Конго, Тунис, Мали, Турција, Индија… доаѓаат на годинашниот Оффест, кој ќе се одржи по 17. пат и ќе ја има најбогатата програма досега.

Почнувајќи од 31 мај, Оффест првпат ќе има пет вечери, заклучно со концертот на „африканската кралица“ Уму Сангаре на 5 јуни во Македонската опера и балет.

„Оваа година, Оффест има една вечер повеќе од Скопскиот џез фестивал, а бројката од десет изведувачи е најголема досега. Тие доаѓаат од сите страни на светот“, вели директорот на фестивалот, Оливер Белопета.

Фестивалот го отвора конгоанската група „Џупитер енд Оквес“, за која ова ќе биде втор настап на Оффест, а традицијата да има и македонски музичари меѓу сите овие ѕвезди на „музиката на светот“ оваа година ја продолжуваат „Фајтинг виндмилс“.

„Ни претставува огромна чест што сме дел од овој фестивал. Ние ја достигнавме нашата музичка зрелост гледајќи ги концертите на Скопски џез фестивал и на Оффест. Ние имаме нетипичен звук, што не е својствен за македонската независна сцена, па кога ќе добиеме ваков повик, тоа многу ни значи“, изјави гитаристот на „Фајтинг виндмилс“, Филип Букршлиев.

Г. КОНЕВ