ОВАЦИИ ВО ГРЦИЈА ЗА ТРПЧЕСКИ И ДРЖАВНИОТ ФИЛХАРМОНИСКИ ОРКЕСТАР НА СОЛУН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

Македонскиот пијанист сo светска кариера Симон Трпчески синоќа ја затвори сезоната на Државниот филхармониски оркестар на Солун. Во Церемонијалната сала на Универзитетот Аристотел, на програмата беа дела од Респиги и Стравински, како и популарниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов. На бис, со својот пријател, пијанистот Василис Варваредос, изведе кусо виртуозно шоу, наградувајќи го топлиот прием од публиката.

Како што соопшти здружението „КултурОп“, грчкото оркестарско деби на Трпчески се надоврза на серијата концерти кои во последните два месеца го одведоа на престижни сцени во САД и Шпанија, регионално во Сараево и Љубљана, а во Женева настапи со најголемиот жив виолинист Максим Венгеров и со еден од најпознатите виолончелисти на својата генерација Стивен Исерлис.

Покрај изведбите на „Македонисимо“ во Дојран, Литванија и Германија, Трпчески го чекаат и концерти во Љубљана со Словенечката филхармонија и во Осор, Хрватска со Загрепските солисти.

Фото: КултурОп