ОЗИ ОЗБОРН ОБЈАВИ ДЕКА ОДИ НА ПРОШТАЛНА ТУРНЕЈА

Лондон, (Ролинг стоун)

Ози Озборн, поранешниот пејач на пионерите на хеви метал звукот „Блек сабат“, објави дека наредната година тргнува на проштална турнеја.

Шеесет и осумгодишниот Озборн планира таа да трае две години и ќе опфати неколку континенти, почнувајќи од Мексико во мај.

„Луѓе цело време ме прашуваат кога ќе се пензионирам. Ова ќе биде мојата последна турнеја, но не велам дека и потоа нема да одработам по некој настап“, вели Озборн.

Тој беше еден од основачите на „Блек сабат“ во 1968 година, бендот кој предизвика вистинска револуција во рок музиката и ги постави темелите на хеви металот и на други поджанрови. Групата и официјално престана да постои во март 2017 година. Озборн сними девет албуми со „Блек сабат“ и уште 11 во текот на соло-кариерата, одржувајќи повеќе од 2.500 концерти.

Европскиот дел од турнејата ќе трае шест недели и Ози веќе го потврди учеството на неколку големи фестивали.

Македонските фанови за последен пат имаа можност да го гледаат Ози во регионот во 2012 година, кога настапи на фестивалот „Белград колинг“.