Скопје синоќа беше музички центар на светот. Легендарните „Дјуран Дјуран“ одржаа фантастичен концерт во арената „Борис Трајковски“ во организација на „Авалон“, пред преполна сала и публика која пееше во еден глас. Од самиот почеток атмосферата беше еуфорична, а настанот со одличен настап го отвори Дина Јашари со својот бенд.

Шармот и појавата на пејачот Сајмон Ле Бон беа доволни за почеток на концертот. Ако на тоа се додадат неговиот специфичен вокал и беспрекорно чистата интерпретација без многу импровизации, ова беше една од причините поради кој концертот заслужува да се раскажува долго. На Ле Бон не му треба многу за да потврди дека и по децении на сцената останува еден од највпечатливите фронтмени во светската музика.
Публиката уживаше во внимателно избрана сет-листа, составена од безвременски хитови како „Hungry Like the Wolf“, „Ordinary World“, „New Moon on Monday“, „Save a Prayer“ и „Rio“, песни што будат носталгија по 1980-тите. Вреди да се спомене и легендарниот дует „Come Undone“, кој Ле Бон го испеа со една од придружните пејачки.

Тоа е убавината на бендови како „Дјуран Дјуран“, што песните звучат како да се снимени вчера, со врвна продукција и модерни сценски ефекти. На видеобим ги видовме „старите“ нацртани „Дјуран Дјуран“ од златните години, а на сцената денешните, кои никогаш нема да излезат од мода.
Особено емотивен момент беше изведбата на „Обичен свет“ (Ordinary World), кога публиката со светлата од телефоните направи романтична атмосфера на молба на фронтменот.

„Ги гледам оваа прекрасна арена и сите вас овде и сакам нешто да ве замолам. Само одвојте момент да помислите на луѓето во светот кои не се толку среќни како нас. Луѓе кои ги поминуваат своите денови во борба. Во борба за слобода, борба за мир, борба за среќа. Луѓе кои се борат за своите животи. А, сè што тие сакаат да направат е да ги живеат своите животи во среќа и мир во сопствената земја. Затоа вечерва ќе ја свириме ‘Обичен свет’ за сите луѓе таму“, рече Ле Бон.

Насмеани луѓе излегуваа од салата, потпевнувајќи си ги хитовите со кои пораснале или созревале, што е уште еден доказ за успешен концерт и вечер која усреќи многумина.
М. ЏАРОВСКА