ПЕТ ГОДИНИ ЧЕКАВ НЕКОЈ МЕНАЏЕР ДА СЕ СЕТИ ДЕКА ПРАВАМ 50-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ, ВЕЛИ МИКИ ЈОВАНОВСКИ-ЏАФЕР ПРЕД СЛАВЕНИЧКАТА ТУРНЕЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачот и автор Мики Јовановски-Џафер ќе слави 50 години музичка кариера со четири концерти низ Македонија. Првиот е на 13 април во Скопје, во „Јавна соба“, вториот во Штип на 18 април, третиот во Струмица на 25 април, а во Битола Џафер ќе пее на 16 мај. Сите концерти, освен скопскиот, ќе се одржат во локалните домови на култура.

„Мене одамна ми одминаа јубилејните 50 години во музиката. Сега се можеби 55 веќе. Но, треба некој од менаџерите да се сети и да те повика, чекав да им текне, сам не можев да организирам концерти. Се радувам, затоа што ќе се дружам со публиката и ќе имам одличен бенд со мене, профи музичари, а и јас сум во одлична форма“, ни изјави Џафер.

Бендот кој го придружува е Венко Серафимовски, Драган Грујески, Џоле Максимовски и Александар Никодиновски. Придружни вокали ќе пеат Маја Саздановска и Јулија Карамитова-Огненоска.

На прашањето дали хитот од „Макфест“ „Сонце за три света“, го обележал како пејач, Џафер вели:

„Не е само таа. Јас имам многу песни, можеби најголем репертоар од сите наши пејачи, кои публиката ќе ги слушне на концертите. Можно е да има уште еден концерт во Скопје“, додаде тој.

Во текот на петдецениската кариера соработувал со многу музичари и бил член на многу бендови: „Солзи“, „Бангла Деш“, „Мост“, „Република 903“, „Разбој“, „Леб и сол“, „Автограм“, „Бодигардс“, „Тоа е тоа“ и други.

Негова најпозната песна е баладата „Сонце за три света“, која беше прогласена за најголем хит на 1990-тите и влезе во историјата на македонската музика. На Макфест во 1993, „Сонце за три света“ освои награда за најдобар текст, а Џафер, кој го напишал текстот, доби награда за интерпретација. Во 2019 Џафер доби Златна бубамара за трајни вредности.

На концертите ќе се пеат и „Лага и измама“, „Под Пелистер“, „Одам на југ“,„Мики мој“, „ Џоле бре гол“. Билетите се продаваат онлајн преку drugastrana.mk.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Јутјуб принтскрин