ПИЈАНИСТОТ КОНСТАНТИН ХАЏИ КОЦЕВ ЕДИНСТВЕН ЕВРОПЕЕЦ НА ФЕСТИВАЛ ВО КИНА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Младиот пијанист Константин Хаџи Коцев од Скопје е единствен музичар од Европа кој следната недела ќе учествува на фестивалот „Радоста на музиката 2017“ (The Joy of Music 2017) во Хонгконг, Кина, што се одржува од 23 октомври до 1 ноември. За време на фестивалот, кој го организира Друштвото Шопен од Хонгконг (Chopin Society of Hong Kong), светски реномирани професори ќе држат предавања на избраните студенти, а навечер ќе одржуваат концерти.

Професорите кои оваа година ќе држат мастеркласи по пијано се Паскал Роже, Јинсенг Ли, Илја Рашковски, Џузепе Андалоро и Лука Окростсвариѕе. Ментор на 23-годишниот Хаџи Коцев ќе му биде Џузепе Андалоро од Милано, млад и реномиран професор со бројни светски награди. Хаџи Коцев на мастеркласот во Хонгконг ќе ги изведе делата „Фантазија и фуга во г-мол“ од Бах-Лист и „Интермецо оп.117 бр. 1 и 2“ од Брамс.

Хаџи Коцев е апсолвент по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Тодор Светиев. Добитник е на повеќе награди на државни и интернационални натпревари по пијано, камерна музика и солфеж, учествувал на семинари, а исто така компонира класична и филмска музика.

Македонскиот музичар ќе учествува на фестивалот по препорака на професорката по пијано Снежана Пановска, амбасадорка на културата во Малезија. Пановска е истакнат педагог, беше и директорка на Средното музичко училиште, претседател на Здружението на музички педагози на Македонија, како и заменик министер за култура во Владата на Глигорие Гоговски во доцните 1980-ти.

Хаџи Коцев на мастеркласот во Хонгконг ќе ги изведе делата „Фантазија и фуга во г-мол“ од Бах-Лист и „Интермецо оп.117 бр. 1 и 2“ од Брамс (Фото: приватна архива)

„Долго време се обидував да стапам во контакт со професорката Пановска. Имав голема среќа да се сретнам со неа изминатово лето, кога таа беше во Македонија. Ме слушна како свирам, ми даде неколку совети и долго разговаравме за моето понатамошно усовршување. Многу сум благодарен што ми помогна да направам ваков чекор и да се пријавам за учество на фестивалот“, ни рече Хаџи Коцев пред заминувањето, додавајќи оти особено се радува на контактите и можностите кои ќе ги добие во Кина.

Фестивалот се одржува секоја година, а на секои три години се организира и натпревар по пијано каде претседател на жири е Владимир Ашкенази.

Професорите кои учествуваат годинава на фествалот ќе свират заедно со Мајкл Брукс-Рид (виолина), Магнус Џонстон (виолина), Џоел Хантер (виола), Пјер Думанж (виолончело), Андреа Пино (контрабас), а диригент на оркестарот на фестивалот ќе биде маестро Хосе Серебрир.

Б. НЕСТОРОСКА