На 14 декември од 9:30 часот, во Салон 19:19 во скопски КИЦ ќе се одржи меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“. Ќе се натпреваруваат повеќе од 80 учесници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и САД.
Ова е прв меѓународен натпревар по пијано во Скопје во организација на здружението за промоција и развој на културата „Модорас“, а уметнички директори се Ема Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип и Светлана Димитриевска, наставничка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
Завршниот концерт на највисоко рангираните учесници на натпреварот и свеченото доделување на наградите се истиот ден од 19:30 часот.
Натпреварот е поддржан од амбасадите на Јапонија и Австрија во Скопје. Ќе бидат доделени и специјални дипломи за најдобра изведба на дело од јапонски и за најдобра изведба на дело од австриски композитор. Овие награди ќе ги доделат амбасадорите Казуја и Памер. Поддршка за македонската класична музика доаѓа од семејството Цаневи, кое ќе додели награда за најдобро изведено дело од македонскиот композитор Благој Цанев.