По спектаклот во Антички театар во Охрид на 2 август, и Грузија можеше да ја чуе уникатната комбинација на техно и филхармонија, проект на „Излет мјузик“.
Џијан Емин, повторно во улога на диригент, и легендарниот техно музичар и диџеј Хуан Аткинс настапија на отворањето на првото издание на фестивалот „Еко вејвс“ во грузискиот град Анаклија. Овојпат, тие беа придружувани од „Алтер“, симфониски оркестар составен од локални музичари.
„Добивме покана да настапиме на овој фестивал, кој за првпат се организира, на прекрасна локација покрај Црно Море. Фестивалот траеше четири дена и имаше околу 120 изведувачи на пет сцени. Ние ја имавме честа да го отвориме фестивалот, кој е поддржан од владата на Грузија“, вели Емин.
Во оркестарот со кој настапиле имало музичари од Националниот симфониски оркестар на Грузија и од Националната опера.
„Музичарите беа извонредни. На првата проба можеби беа малку збунети, бидејќи никогаш не биле дел од вакво случување, но како течеа пробите, нивото на изведба и на радост растеше, за концертот да биде повеќе од одличен“, вели тој.
На 13 септември, Џијан Емин ќе настапи во Белград на концерт на отворено, заедно со Македонската филхармонија и со африканската ѕвезда Феми Кути.