На 22 март (петок) од 20 часот, почнува новото издание на „Денови на македонска музика“ со концерт на Воениот оркестар на Армијата во големата сала на Филхармонијата. Музичаката манифестација се одржува по 47. пат.
На концертот ќе бидат изведени дела од македонските композитори создадени за голем дувачки оркестар. Програмата е во знакот на творештвото на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи, на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски, но јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и Н.У. „Танец“ – 75 години од основањето.
Вториот концерт е в недела, на 24 март од 20 часот, во малата сала на Филхармонијата. Камерниот оркестар „Профундис“ со солисти ќе ги изведат делата на композиторите Гоце Коларовски, Фатос Лумани, Дарија Андовска, Гоце Гавриловски и Ангел Спироски. Програмата на фестивалот вклучува премиерни изведби на дела од помладата генерација. Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет, оркестарот на Филхармонијата, камерниот ансамбл „Алтус“, а ќе заврши со традиционалната трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.
Од уметничкиот одбор на манифестацијата и од СОКОМ велат дека ќе го промовираат домашното уметничко творештво. Влезот на сите концерти е слободен.