Пејачот Александар Тарабунов е автор на новата песна на хрватската група „Вигор“, насловена „Кога ќе те видам“ (Kad te vidim). Тарабунов ги напиша музиката и аранжманот,а текстот е на фронтменот на групата Марио Рот.
„Целата група е презадоволна од мојата работа и неизмерно се среќни што ќе продолжиме да соработуваме во иднина. Нормално, и јас сум многу среќен. Веќе подготвуваме нова песна, која е целосно мое дело: музика, аранжман и текст и носи силни емоции и динамика. ‘Вигор’ се големи ѕвезди во Хрватска, а за мене ова е одличен почеток на хрватскиот пазар, каде што сум подготвен да одговорам со музика“, ни рече Тарабунов.
Поп-пејачот најавува нова песна со наслов „Заедно“. Вокалот е снимен во студиото на Андријана Јаневска
„Песната е веќе готова и работам на миксот и мастерот. Би требало да излезе следниот месец со спот“, додава Тарабунов, кој на 7 јануари ја објави својата песна „Снегови“.
М. ЏАРОВСКА