Двократниот број еден светски диџеј Пол ван Дајк на 6 јули ќе настапи на отворањето на Д фестивал во Дојран, објави „Пасворд продукција“.

Ван Дајк е една од првите суперѕвезди во електронската музика, кој успеа да ја внесе на голема врата на комерцијалната сцена, соработуваше со легенди како „Ју-Ту“, Мадона и „Депеш мод“, повеќе пати беше номиниран за Греми награда и оствари милионски тиражи со своите изданија. Добитник е на Орден на честа од градот Берлин.

По 30 години импресивно богата кариера, тој и понатаму е продуктивен и студиски. Последниот албум „Оттогаш“, издаден на крајот на минатата година, го потврдува како авторитет не само на транс сцената, туку и во електронската музика воопшто.

Покрај Ван Дајк, Д фестивал, кој ќе се одржи од 6 до 8 јули, го најави и еден од најуспешните балкански рапери Френки. Тој доаѓа да го промовира новиот албум „Егзил“, кој лани го објави преку светската етикета „Јуниверзал мјузик“.