В сабота (20 јануари) од 21 часот, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи промоција на новата винил компилација на македонска музика „Крај Вардарот сесии во Аудиокултура“, издадена за „ПМГ Џез“.
Оттаму велат дека ова е прва плоча со македонска музика снимена во живо по концертниот албум „Акустична траума“ на „Леб и сол“ од 1982 година.
„Плочата е снимена во најдобриот скопски интимен концертен простор ‘Аудиокултура‘ и содржи седум современи, автентични и различни уметнички пристапи кои ги обединува висок квалитет и модерен македонски призвук. Плочата е компилација на селектирани композиции од настапите на ‘Алембик‘, ‘Марија Каева трио‘, ‘Мирко Попов квартет‘, Глигор Кондовски, ‘Дамир Имери трио‘, ‘Филип Букршлиев трио‘ и ‘Сетстат‘“, објави „ПМГ Џез“.
Промоцијата ќе биде надополнета со концерт на џез бендот „Светлост“, кој ќе го претстави својот нов материјал.
(Фото: Фејсбук)