Синот на легендарниот Зафир Хаџиманов, музичарот Васил Хаџиманов и неговата ќерка Марта Хаџиманов, која е џез и оперска пејачка, ќе учествуваат на концертот во негова чест, што ќе се одржи на 17 декември во Филхармонијата. Концертот го организира „Авалон“ и е насловен „Во слава на Зафир Хаџиманов“.
Марта Хаџиманов, која студира на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Манхајм (Германија) на два отсека, соло пеење и музичка педагогија, вели дека многу научила од својот дедо и од баба ѝ Сенка Велетанлиќ.
„Едни од најубавите спомени со баба ми и дедо ми се концертите што ги имавме кај нив. Ќе се скриев зад завесата, па баба ми секој пат ќе ме најавеше со ново уметничко име, со кое во тој момент ќе пеев мои измислени песни со татко ми на пијано или сама. Се разбира, за тоа време дедо и мама навиваа од публика. Отсекогаш уживав да пеам и да слушам различна музика со нив“, ни изјави Марта Хаџиманов.
Со носталгија и со гордост се сеќава на поддршката која ја добивала од дедо ѝ и на советите што ѝ ги дал.
„Дедо ми ми беше голема поддршка. Често зборувавме што значи да се занимаваш со музика и колку е важно да се избере вистинска музика за професионална кариера. Ми рече секогаш да верувам во мојот талент и да бидам сигурна во себе и во она што можам да го направам, дека морам да бидам вредна, упорна, искрена и посветена. Секогаш да се грижам за текстот, но и за музиката, секогаш да знам што сакам да ѝ раскажам на публиката и на кој начин“, вели младата пејачка која гради успешна кариера како оперски сопран.
Минатиот месец, таа настапи како солист со оркестарот и хорот во Берлинската филхармонија со делото „Глорија“ од Френсис Пуленк.
„Многу ми значи тој концерт. Многу сум среќна и едвај го чекав, навистина прекрасно искуство кое ќе го паметам засекогаш. Покрај тоа, настапував на бројни самостојни и групни концерти со пијано, како и со разни оркестри и хорови низ Германија. Снимив и модерни соло песни како дел од два фантастични музички проекта за две познати германски радиостаници“.
Васил Хаџиманов, џез-музичарот кој често гостува во Македонија, вели дека со концертот ќе се обидат да направат пресек на творештвото на татко му.
„Ќе направиме пресек од самиот почеток со песната ‘Човек како јас‘ до последните стихови што ги напиша за песната која ја компонирав, ‘Камен‘. Секако дека е невозможно да се допре до сите сегменти од огромниот творечки опус на Зафир, но мислам дека најважните ќе успееме да ги претставиме. Мислам дека ‘Саноќ седам Трено‘ имаше посебно место во неговото срце, а и во нашите. Затоа таа песна природно ќе биде дел од репертоарот“, ни изјави Хаџиманов.
За џез-пејачката Бисера Велетанлиќ, еден од најдобрите женски вокали во поранешна Југославија, со која често настапува заедно, рече дека со нетрпение чека да запее во Скопје.
„Бисера, како и секој друг учесник на концертот, со задоволство ја прифати поканата, особено како некој кој е дел од нашето најтесно семејство, но и како некој кој има работено со Зафир на бројни проекти“, кажа Хаџиманов.
На концертот ќе пеат и Калиопи, Сашо Гигов-Гиш и џез-пејачот од Белград, Виктор Тумбас, а меѓу учесниците се и актерот Никола Ристановски и режисерот и актер Коле Ангеловски.
„Имав соработка практично со сите учесници и внимателно ги бирав уметниците кои постхумно ќе го поздрават и ќе му се заблагодарат на Зафир на најдобар и најискрен начин. Мислам дека и тој самиот би бил многу задоволен од изборот“, кажа Васил Хаџиманов.
Неговата ќерка Марта вели дека, за жал, не зборува македонски, но може да разбере многу.
„Македонските традиционална музика и култура ми се многу познати и блиски, мило ми е што имам македонски корени и толку богато музичко наследство. Тоа значи дека секогаш имам пристап до неверојатно вкусната македонска храна“, вели Марта Хаџиманов.
Хаџиманов, кој е композитор и клавијатурист, вели дека иако често ги свири песните од татко му, не би сакал да настапи како вокал на концертот.
„Во никој случај. Не сакаме да ја избркаме публиката од салата“, се пошегува тој.
Марта Хаџиманов е родена во 2000 во Белград, каде што има завршено соло пеење и музичка теорија во средното музичко училиште. Во март 2017, на 17 години, стана членка на ансамблот на театарот „Теразије“ во Белград и ја играше главната женска улога во светски познатиот мјузикл „Фантом од операта“ како најмладата актерка и пејачка во историјата на театарот.
Зафир Хаџиманов почина на 27 март 2021 во Белград од компликациите од ковид-19.
М. ЏАРОВСКА