„ПСИХОМОДО ПОП“ ЌЕ ПРОСЛАВИ 40 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ СО ДОКУМЕНТАРЕЦ, МОНОГРАФИЈА И СЕРИЈА АЛБУМИ

Загреб, (Н1)

Хрватската рок група „Психомодо поп“ слави 40 години постоење, што ќе го одбележи со документарен филм, монографија, четири досега необјавени концертни албуми и со еден нов албум.

„Во кариерата имавме неколку најомилени моменти. Кога го објавивме првиот албум, па вториот, па третиот… И сите отсвирени годишнини беа одлични. А, еден од најтажните секако е заминувањето на Тигран“, кажа фронтменот Давор Гобац во интервјуто за „Индекс“.

Тапанарот Тигран Калебота, еден од основачите на групата, ненадејно почина во 2017.

По 40 години кариера, Гобац вели дека ништо не би променил кога би можел да го врати времето.

„Единствено ќе беше добро да ги заработев тие милион долари за кои зборам веќе 30 години“, се пошегува тој.

„Психомодо поп“ има издадено 11 студиски албуми, почнувајќи со „Година на змејот“ во 1988 и потоа стана еден од првите југословенски бендови кој се појави на „Ем-Ти-Ви“.

„Што планираме во следните 40 години? Да продолжиме да свириме рокенрол“, вели Гобац.

(Фото: Фејсбук)