Обединетите нации ќе ја додадат реге музиката на листата на светско културно богатство, бидејќи таа заслужува да биде заштитена и промовирана.
Овој музички стил се разви во Јамајка во 60-ите години и благодарение на имињата како Боб Марли, Питер Тош и „Тутс енд мејталс“ се здоби со глобална популарност и ОН одлучи да ја додаде во својата колекција на нематеријално културно наследство.
„Регето е социополитичко, сензуално и духовно. Тоа успеа да се прошири во сите агли на светот“, соопшти УНЕСКО.
Од Карибите, регето прво стана популарно во САД, но особено плодна почва најде во Велика Британија, која стана дом на голем број јамајкански имигранти по Втората светска војна.
„Регето е уникатно јамајканско. Ние ја создадовме оваа музика и потоа таа се прошири низ целиот свет“, изјави тамошната министерка за култура, Оливија Џорџ.