„РЕЈЏ АГЕНСТ Д МАШИН“ СЕ РАСПАДНА ПО ТРЕТПАТ, ЈА ОТКАЖА ПОВРАТНИЧКАТА ТУРНЕЈА

Њујорк, (НМЕ)

Рок бендот „Рејџ агенст д машин“ (Rage Against the Machine) се распадна по третпат, наспроти надежите на фановите дека ќе има нови настапи. Веста ја потврди тапанарот Бред Вилк.

„Знам дека многумина фанови чекаа да објавиме нови датуми за сите претходно откажани концерти. Не сакам веќе никого да залажувам, ни себеси, ни фановите. Иако имаше некоја комуникација дека тоа би можело да се случи во иднина, сакам да ве известам дека РАТМ (Тим, Зек, Том и јас) веќе нема да свири и настапува во живо“, напиша Вилк на Инстаграм.

Оригиналната постава на групата најави светска турнеја за 2020, пред пандемијата на ковид-19 да ги поремети овие планови. Групата сепак се обедини и одржа серија концерти во јули и август 2022, пред да ја прекине турнејата поради повреда на фронтменот Зек де ла Роча.

РАТМ прво се распадна во 2000 откако Де ла Роча го напушти бендот, се обедини во 2007 и четири години подоцна објави дека зема пауза на неодредено време.

(Фото: АП)