КАКО ДА СМЕ ДОМА, ХРВАТСКИТЕ ПЕЈАЧИ ЈА ПЕЕЈА „МАКЕДОНИЈА” ОД ДАДО ТОПИЌ НА КОНЦЕРТОТ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владо Калембер, Јурица Паѓен, Дејан Цукиќ и уште неколку хрватски пејачи на бис ја пееја „Македонија” од Дадо Топиќ и „Тајм” на концертот „Ги паметам само среќните денови“ (Памтим само сретне дане) сношти во Филхармонијата. На концертот насловен по хитот на Габи Новак ги слушнавме најпопуларните песни од загрепската поп-рок сцена од 1980-тите и 1990-тите во придружба на оркестарот на Филхармонијата.

Владо Калембер, кој во април ќе наполни 71 година, испеа еден од најголемите хитови на групата „Сребрна крила„ чиј вокал беше, „Да живее љубовта“ (Нек живи љубав), а се пееја и песни од „Прљаво казалиште“, „Нови фосили“, „Аеродром“, Габи Новак, Јосипа Лисац, Тајчи. Публиката најтопло ја прими „Цреша“ од Тоше Проески, чиј автор е хрватскиот композитор Мирослав Рус.

Сите пејачи на бис ја испеаја „Македонија“ од Дадо Топиќ и групата „Тајм“ (Фото: Фејсбук)

„Јас сум роден во Струмица и исто како да сум си дошол дома. Секогаш едвај чекам да дојдам во Македонија за да уживам во најубавата кујна“, кажа Владо Калембер.

На крајот од концертот, тој му ја зеде диригентската палка на Јосип Цвитановиќ и диригираше со дел од оркестарот на Филхармонијата, а Цвитановиќ им се придружи на пејачите. Музичарите од оркестарот станаа, а публиката ги поздрави со овации.

Јурица Паѓен се присети дека служел војска во Македонија и кажа оти една година живеел тука.

Новите оркестарски аранжмани за овие песни се направени од Јосип Цвитановиќ, Оља Дешиќ и Иван Попескиќ, а освен Калембер и Паѓен, настапија и Аида Мушановиќ-Аршиќ, Дејан Цукиќ, Агни Авшар, Мартина Мајерле и Макс Хозиќ. Диригент беше Цвитановиќ.

Организатор на концертот беше Томислав Кашљевиќ од Загреб, кој лани организираше сличен концерт со Филхармонијата со хитовите од сараевската поп-рок сцена.

М. ЏАРОВСКА