„Магична виолина“ е насловен вечерашниот концерт во Македонската филхармонија (20 часот), на кој ќе настапи виртуозот на виолина Вадим Репин од Русија.
Репин, кого критиката го нарекува виолинист со огнена страст и беспрекорна техника, уметник од чии раце извираат поезија и сентименталност, ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев.
Ќе диригира Владимир Вербицки, кој првпат настапува на македонската сцена и кој се смета за еден од најактивните руски диригенти.
Оркестарот ќе ги изведе и едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски, „Ноќ на пустата планина“ и македонската премиера на Симфонија бр. 1 од рускиот автор Василиј Калиников.
Репин е роден во Сибир (1971) и на 11 години го освоил златниот медал во сите категории на натпреварот „Виењавски“. На 14 години дебитирал во Токио, Минхен, Берлин и Хелсинки, а една година подоцна и во „Карнеги хол“ во Њујорк. На 17 години станал најмладиот победник на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и оттогаш настапува со најголемите светски оркестри. Репин е почесен професор на Централниот конзерваториум за музика во Пекинг, како и на Шангајскиот конзерваториум.