СЕ ПОДГОТВУВА ПОСМРТЕН АЛБУМ НА ЛЕОНАРД КОЕН

Монтреал, (Ролинг стоун)

Во подготовка е посмртен албум на Леонард Коен, откри неговиот син и продуцент Адам.

Легендарниот канадски музичар почина во ноември 2016 на 82-годишна возраст и Адам Коен беше продуцент на неговиот последен албум, кој излезе истата година.

Тој сега потврди дека работи на колекцијата на недовршени песни на неговиот татко.

„Задолжен сум да завршам неколку песни на татко ми, кои ги почнавме заедно за неговиот последен албум. На тој начин, неговиот глас буквално сè уште живее. Тоа е бизарна и вкусна обврска“, вели Адам Коен и додава:

„Мислам дека се останати уште неколку навистина убави песни од Леонард Коен што никој досега не ги слушнал и кои во еден момент мора да бидат објавени. Тонот на овој материјал потсетува на негови постари песни, оние поромантични. Тој сакаше овие песни да бидат довршени и тие ќе ги изненадат и задоволат фановите“.

Адам Коен очекува овој албум да биде објавен наредната година, а претходно, на 2 октомври, ќе излезе последната збирка поезија на татко му, насловена „Пламен“.