Ана Петановска вели дека е многу среќна што се запознала со легендарната пејачка Маја Оџаклиевска на фестивалот Белградска пролет, кој викендов во салата „МТС“ во Белград одбележа 65 години. Младата поп-пејачка беше дел од гостите на ревијалниот фестивал, како и Драган Мијалковски, кој доби нарада и го прослави роденднот на сцената на која некогаш настапувал.
„Многу сум среќна што за првпат имав можност да се запознаам со Маја Оџаклиевска, еден од моите идоли. Уште посреќна сум што таа ја пофали мојата изведба на нејзините песни. Не беше лесно да се пее песна од Маја кога знаеш дека таа те слуша“, вели Петановска, која и лани, заедно со композиторот Григор Копров, беше гостинка на фестивалот.
„Оџаклиевска ѝ кажа на Ана дека пее неверојатно и дека е воодушевена од неа. Една од песните кои ги испеа е ‘Веќе не си мој’ (Више ниси мој), која е една од потешките, а Ана ја изведе со леснотија и таков коментар доби од Маја“, велат од тимот на поп-пејачката.

„Емотивна беше средбата на Григор Копров и Маја Оџаклиевска, кои се сретнаа по неколку години. Незаборавен момент беше настапот на Драган Мијалковски, кој вечерта прослави роденден. Беспрекорно испеа, а публиката го пречека со овации од златните времиња на фестивалот. Маја Оџаклиевска беше пречекана како кралица на сцената. Голем аплауз доби и Даниел Кајмакоски“, вели музичарот Горан Наумовски, кој беше во Белград.
Салата „МТС“ порано се викаше Дом на синдикатите и токму таму на 17 април 1961 за првпат се одржа фестивалот.

На јубилејниот концерт во чест на музичките великани кои настапувале на познатиот фестивал, покрај Кајмакоски и Петановска, настапија и други млади пејачи, како Душан Свилар, Принц од Врање, Наташа Михајловиќ и Зејна со песни од Ѓорѓе Марјановиќ, Лола Новаковиќ, Боба Стефановиќ, Бисера Велетанлиќ, Арсен Дедиќ и други.
Драган Мијалковски доби награда за животно дело од Маја Раковиќ, уметничка директорка на фестивалот.
М. ЏАРОВСКА