СЕРГЕЈ ЌЕТКОВИЌ ЌЕ СЛАВИ 25-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ВО МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Црногорскиот кантавтор Сергеј Ќетковиќ ќе одржи концерт во Скопје на 21 март во Филхармонијата, објави пејачот на својот Инстаграм профил.

„Драго мое Скопје, се гледаме на 21 март во прекрасната сала на Македонската филхармонија заедно да ги прославиме нашите заеднички 25 години. Едвај чекам да се дружиме и заедно да пееме“, рече Ќетковиќ.

Тој има издадено 13 албуми. Првиот, „Кристина“, излезе во 2000, а новиот, „Куфер“, во 2024. Во 2011 одржа концерт во Универзалната сала и така го прослави својот 35. роденден во Скопје.

Пејачот доби поддршка од јавноста откако рече дека со сопругата Кристина им кажале на своите ќерки Лола и Мила дека не им се биолошки родители. Тој ја создаде едукативната анимирана серија за деца „Лола и Мила“, која се емитуваше во сите земји на поранешна Југославија.

Концертот во Филхармонијата го организира „Евентум“. Билетите се продаваат преку мрежата на sountix.com.