ШИНЕД О‘КОНОР СОЗДАДЕ БЕЗВРЕМЕНСКИ ХИТ ОД ЗАБОРАВЕНА ПЕСНА НА ПРИНС, КОЈ ПРВО Ѝ ЈА ДАЛ НА СВОЈАТА ДЕВОЈКА

Лондон, (Би-Би-Си)

Во 1990, Шинед О‘Конор постигна светски хит со „Ништо не се споредува со тебе“ (Nothing Compares 2 U), песна за неопислива болка и скршено срце. Тоа беше дефинирачки момент за нејзината кариера, кој ја проби меѓу светските музички ѕвезди.

Ирската пејачка и активистка почина вчера на 56 години и ова е приказната за нејзината најпозната песна.

Песната всушност ја напишал Принс во јули 1984 откако се вратил од Далас од концерт на Мајкл Џексон. Веднаш штом се симнал од авион, се упатил во своето студио, каде што ја напишал и снимил првичната верзија на „Ништо не се споредува со тебе“. Сепак, тој сметал дека песната не одговара на неговиот јавен имиџ, па одлучил да ја даде на групата „Фемили“, во која членувала неговата тогашна девојка Сузана Мелвоин.

Беше судено песната да стане хит, но спотот ја направи феномен

Принс ги отстранил вокалите и додал оркестарски дел, по што песната се најде на единствениот албум на „Фемили“, кој излезе во 1985. „Ништо не се споредува со тебе“ не беше објавена како сингл и се чинеше дека ќе остане заборавена, сѐ додека менаџерот на О‘Конор, Фахтна О‘Силеј, не се сетил на неа и ѝ предложил да ја обработи за својот втор албум. О‘Конор веднаш се поврзала со песната. Таа и О‘Силеј биле двојка, но врската почнувала да се распаѓа.

Можеби токму затоа извлече толку добар вокал. Дојде во студиото, ја сними од прва и беше совршено, зашто таа беше целосно навлезена во песната. Ја одразуваше нејзината ситуација“, изјави Крис Биркет, еден од продуцентите на албумот „I Do Not Want What I Haven’t Got“.

Неспоредлива со верзијата на Принс, која конечно беше објавена во 2018, беше судено песната да стане хит, но спотот ја направи феномен. Солзите во спотот се искрени и О‘Конор подоцна откри дека во тие моменти мислела на мајка ѝ, која загинала во сообраќајна несреќа во 1986.

Принс наводно не ја сакал обработката, можеби и затоа што таа помина поуспешно во САД и Велика Британија од сите негови песни. Во своите мемоари од 2021, О‘Конор напиша дека анимозитетот бил вистински и кога конечно се сретнале, тоа воопшто не поминало добро.

(Фото: Шатерсток)