СИМОН ТРПЧЕСКИ ГО ОБЈАВИ АЛБУМОТ „ПРИЈАТЕЛСТВО“, НЕГОВ ПРВ СО КАМЕРНА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Британската издавачка куќа „Лин рекордс“ го објави новиот албум на Симон Трпчески насловен „Пријателство“ (Friendship), кој веќе е достапен на дигиталните платформи. На него се наоѓаат Квартетот за пијано бр. 3 во Ц-мол од Брамс, новиот аранжман за „Дивертименто“ на Конесон и Квинтетот во три става од Панде Шахов.

Многу сум горд на овој албум бидејќи е реализиран во тежок и предизвикувачки период како за нас и човештвото, така и за моите колеги со кои го снимавме. Ова е мојот прв албум посветен на камерната музика и втор снимен во пандемијата. Францускиот композитор Гијом Конесон му даде специјална дозвола на нашиот перкусионист Влатко Нушев да направи нов аранжман за неговиот секстет ‘Дивертименто‘, на кој се приклучи и феноменалниот виолист Сорин Спасинович од Романија, кој е по потекло од Тетово. Главниот стожер на овој албум е Третиот квартет на Јоханес Брамс, што изобилува со драма и интензитет на емоции и го содржи еден од најубавите ставови што Брамс воопшто ги има напишано“, изјави Трпчески за Македонското радио.

Трпчески во моментов е во САД, каде што го очекува серија концерти, што ќе стартува во Денвер, а потоа има настапи во Сараево, Целје, Билбао и Женева.

(Фото: СДК.МК)