Пејачката Агни Авшар сними нов албум на кој има песни на пет јазици. Насловен „Yours Sincerely, HEART CORE”, на него има седум веќе слушнати песни.
„Албумот е полиглотски, односно пеам на пет јазици: македонски, француски, шпански, англиски и италијански. Тоа се обработки на песни кои воопшто не се по случаен избор, туку се едни од најубавите евергрини од повеќе земји и музички периоди“, вели Авшар.
Дел од песните на албумот е и „Еден бакнеж” од Нина Спирова, за која Авшар вели дека е најсреќна.
„Среќна сум што за оваа песна ми се одобрени авторските права. Она што е најинтересно кај албумот е што во аранжманите направивме спој помеѓу стандардниот џез состав, кој вообичаено се состои од пијано, контрабас и перкусии и класичниот гудачки оркестар. Значи, еден прекрасен спој на џезот и класиката. Многу е важно да се спомене дека на албумот има само живи инструменти, нема ниту еден електронски звук или семпл”, ни изјави Авшар.
Албумот нема да биде во продажба, туку ќе го има на сите музички платформи. Вокалот, идејата и реализацијата се на Агни Авшар, а за целокупните менаџмент и логистика се погрижи Владимир Цветковски. Аранжманите се на Владимир Димовски.
М. ЏАРОВСКА