СНИМИВ БОЕМСКА ПЕСНА ЗА ХРАБРИТЕ, КАЖА МИЛЕ КУЗМАНОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА „СРЦЕ ХРАБРО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во духот на староградската, кафеанска музика е новата песна на Миле Кузмановски „Срце храбро“, која беше промовирана вчера (11 декември). Пејачот на народна музика вели дека во Македонија одамна немало таква боемска песна, без да се користат традиционалните народни инструменти.

„Срце храбро е песна за храбрите“, вели Кузмановски и додаде:

„Авторот на музиката е Драган Пејиќ-Пеја од Босна и Херцеговина, не се познаваме лично. Аранжманот го направи Бобан Василевски, кој свири гитара во бендот на Бени Шаќири, ‘Нон стоп’. Пејиќ слушнал за мене преку него и на препорака на Бобан ја напиша оваа песна. Се мислев кого да побарам за текстот, па му се обратив на Александар Тарабунов-Тара. Штом ја слушна, ми рече дека го има текстот во глава. Го напиша за еден час“, ни рече пејачот.

Во песната свират и други познати музичари: хармоника – Војче Петрушев, тамбура – Ташко Грујовски, а кларинет Зоран Крагуевски. Сара Пројковска ги испеа придружните вокали, а миксот и мастерингот се на Бобан Василевски. Кузмановски, кој доби голем аплауз на промоцијата откако се промовираше и спотот што го направи „Арт студио“, вели дека авторот на песната е задоволен од крајниот резултат.

М. ЏАРОВСКА