Младата поп-пејачка Лара Иванова сними четири нови спота за шест дена. Иако вели дека снимањето на моменти било напорно, таа и нејзиниот тим сакале да го завршат до 2 август, кога ќе излезе нејзиниот прв албум.
„На 2 Август ќе излезе мојот прв мини албум со 4 песни: ‘Само лага’, ‘Ризик, ‘Токсин’и ‘Таму горе’ за кои ги снимивме спотовите. Идејата ми беше да издадам 4 песни во еден ден токму летово. Со екипата која што работеше на реализација на проектот се договоривме сите 4 спотови да ги снимиме во рок од 6 дена. Секако дека беше многу напорно, но сите бевме посветени на тоа што го работиме и се надевам дека крајниот резултат ќе ѝ се допадне на публиката. Се разбира дека наоѓавме и малку време за одмор помеѓу снимањето на сцените“, вели Иванова.
Таа заврши прва година на Факултетот за музичка уметност, отсек балетска педагогија и ги положи сите испити.
„Сето тоа се должи на мојата напорна работа и посветеност, работните навики и дисциплината кои ги имам стекнато во текот на моето досегашно образование“, вели пејачката и балерина.
„Изминатиов период имав многу настапи низ цела Македонија, а така ќе биде и до крајот на годината. Продолжувам да работам на нови песни и проекти, што значи дека од мене може да очекувате уште многу изненадувања на музички план“, најавува Лара Иванова.
За една ипол година, нејзиниот дует со Христијан Настески-Пајак стаса до 30 милиони прегледи на Јутјуб. Со оваа песна, Лара и Пајак настапија на „Макфест“ во 2022, а лани ја добија наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала.
„Никогаш не помислив дека оваа песна ќе стане толку голем хит и ќе има толку прегледи. Како некое непишано правило е дека кога не се надеваш, песната станува хит. Ми се случи да снимам уште една песна така спонтано како ‘Бела’, ‘Некогаш ќе помине’, и таа стана хит и има над еден милион прегледи“, ни рече пејачката во Штип лани, пред да настапи на Макфест.
М. ЏАРОВСКА