Легендарниот Влатко Стефановски прослави 50 години кариера со одличен тричасовен концерт во реновираниот „Сава центар“ во Белград, кој беше исполнет докрај. Прославениот музичар заедно со бендот одржа еден вид мастерклас и на верната публика ѝ се одолжи со концерт за паметење, пишуваат српските медиуми.
Влатко Стефановски се појави пред спуштената завеса и го отвори концертот со познатата „Приспивна за Радмила М.“ (Uspavanka za Radmilu M.), по што доби голем аплауз. Потоа му се придружи легендарниот гитарист Мирослав Тадиќ, пишува српски „Телеграф“, кој концертот го нарече вистинска магија. Двајцата гитаристи заедно ги отсвиреа „Дафино вино црвено“, „Македонско девојче“, „Еј момче охриѓанче“ и „Бог да ги бие дебрани“ и беа наградени со громогласни овации.
Тогаш се крена завесата зад која беше бендот „Влатко Стефановски трио“, со тапанарот Јан Стефановски и басистот Иван Кукиќ, кои свиреа и песни од „Леб и сол“.
Потоа на сцената се појави нов гостин, познатиот кантавтор од Сплит, Златан Стипишиќ Џибони, кој ги испеа сите негови хитови заедно со Влатко Стефановски.
(Фото: Танјуг)