СО РАДОСТ ИМ ЈА ДАДОВ ДОНАЦИЈАТА НА ДЕЦАТА СО ДИЈАБЕТЕС КОЈА ЈА ВЕТИВ ЛАНИ ПО КОНЦЕРТОТ, ВЕЛИ МАЕСТРО ЕРХАН ШУКРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Виолинистот, професор и диригент Ерхан Шукри вчера (20 јуни) на Школка во градскиот парк во Скопје, на децата болни од дијабетес им ја даде донацијата која ја вети минатата година во октомври, откако во Националната опера и балет (НОБ) одржа јубилеен хуманитарен концерт.

„Конечно успеавме да ја дадеме донацијата која ја ветивме за децата со дијабетес. На 2 октомври лани се одржа мојот јубилеен концерт ‘Првите мои 20 во 30’ кој беше со хуманитарен карактер за децата со дијабетес.

Конечно успеавме да ја дадеме донацијата која ја ветивме за децата со дијабетес лани, вели Шукри (Фото: Приватна архива)

 

Од продажбата на билетите беше предвидено да се купат лентички и глукомери за нив, посебно за ранливата категорија на семејства. По сугестија на престедателот на Здружението на дијабетичари донирав транспортери, бидејќи во меѓувреме децата добија ленти и глукомери. По сите поминати нормативи преку Министерството за финансии и Министерство за правда уште во јануари беа обезбедени транспортерите за децата. На моја голема радост конечно после 9 месеци им се доделија на децата. Нема поубаво кога ќе ја видите насмевката на лицето и радоста на тие деца бидејќи се желни за внимание. Сакаат да видат дека некој за нив покажува грижа и им дава љубов. Знаете дека сте капка во океанот ама секој океан е составен од неизбројани капки“, вели маестро Шукри.

Тој верува дека со оваа донација ќе ја подигне јавната и општествена свест и им ќе помогогне на децата да се чувствуваат убаво. „Тие деца се нашата иднина, како носители на нашата држава“, вели Шукри.

Со концертот „Првите мои 20 во 30“ во октомври лани, тој прослави 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години од постоењето на Гудачкиот камерен оркестар „Арко“.

Професорот по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ има искуство со оваа болест, не лично, туку со неговата мајка, која е дијабетичар.

Ерхан Шукри со децата, нивните родители и со претставници од Здружението на дијабетичари (Фото: Приватна архива)

 

„Знам со што се соочуваат дијабетичарите, бидејќи нашата мајка е дијабетичар, долги години прима инсулин. Но, првенствено, децата ми беа инспирација“, ни рече Шукри минатата година.

На концертот настапија баритонот Џемиљ Реџепи од Италија, сопранот Ивана Здравкова од Австрија, виолинистите Михајло и Момчило Куфојанкис, Мерсиха Шукри на харфа, Лазар Сандев на мандолина, вокалистката Добрила Грашеска, актерот Никола Ристановски, мандолинскиот оркестар „Скопје“ и детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. Специјален гостин беше маестро Рамадан Шукри.

М. ЏАРОВСКА