По петте концерти лани во Филхармонијата и концертот на Хераклеја во Битола на 5 јули, „Нокаут“ сношти одржа концерт во Античкиот театар во Охрид.
Специјален гостин беше Дарко Гелев-Брејк. За него, фронтменот на бендот Никола Перевски-Пере претходно рече дека им требале пет години да го убедат пак да запее. Публиката го пречека Брејк со голем аплауз, а тој настапот го почна свирејќи пијано.
„Кога ја пишував песната ‘Болиш’ дома, ѝ ја пуштив на мојата девојка за сериозно, сопругата. Таа ја слушна песната, ми рече дека е супер, а потоа малку луто ме погледна и ми рече: ‘За кого си ја напишал песнава?“, рече Брејк.
Неговата сопруга, некогашна Мис на Македонија, Драгана Клопчевска, беше во публиката.
Пере кажа дека големиот хит „Лебедот бел“ е можеби единствената песна која ја снимиле и издале двајца пејачи во речиси исто време, и тој и Брејк, откако и двајцата ја имале заборавено во фиока.
Ова беше уште еден убав акустичен концерт на „Нокаут“ пред веселите фанови, кои во еден глас ги пееја и старите хитови, како „Илјада причини за крај“ и поновите, како „Знаеш каде да ме најдеш“. Во еден момент, некој од публиката му довикна на Пере дека се здебелил.
„Сум се здебелил? Да, па што? За новиот филм, за новата улога“, се пошегува пејачот и автор и ги испеа стиховите „Како си, што си, си се здебелил“ од песната на Игор Џамбазов, „Диши длабоко“.
Потоа ја повика публиката да размислува позитивно со песната „Позитиво“, пред целиот Антички да ги вклучи телефоните на баладите „Би се викал те сакам“ и „Знаеш каде да ме најдеш“.
Гостин беше и охриѓанецот Дамјан Пејчиноски, еден од најдобрите македонски гитаристи, а пубиката го поздрави со вресоци. Брејк се појави уште еднаш на крајот, на бис, за хитот „Во бестрага“ и им се поклони на сите музичари на сцената.
Со постава која се менуваше, а со Пере како автор и фронтмен, „Нокаут“ од 1997 има успешна музичка приказна и верни фанови кои уживаа на концертот во Охрид. Го организираше продукцијата „Сцена“.
М. ЏАРОВСКА