СПОЈ НА ТУРСКА МУЗИКА СО СОВРЕМЕН ЏЕЗ НОСИ КОНЦЕРТОТ „ВИОРОТ НА АНАДОЛИЈА“ НА 5 ДЕКЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Виорот на Анадолија“ е насловен концертот со спој на традиционалната турска музика и современиот џез, кој ќе се одржи на 5 декември во Националната опера и балет во Скопје од 20 часот. Ќе настапат турските музичари Анил Шалиел на саксофон и Мареечи Асу на даф, кои преку своите џез интерпретации ќе го оживеат споменот на уметниците Ашик Вејсел и Зеки Мурен.

„За мене, ова е остварување на еден сон. Мојата музика стана тема за докторски студии на многу универзитети. Турската музика е многу стара и доаѓа од османлискиот период, џезот е понова музика за Турција. Ветуваме час и половина визуелен концерт со многу убава приказна. Користиме стари снимки од Ашик Вејсел во нов аранжман. Ќе чуете и поезија од Јунус Емре и Мевљана. Ова нема да биде само музичка претстава, туку театарска презентација“, кажа Шалиел на прес-конференцијата.

Според Асу, џезот не е само музика од звуци, туку музика што треба да се разбере.

„Треба да ставите свое јас во музиката. Почнавме со суфи музиката, после работевме да ја направиме модерна. Ја споив со рок музиката, а подоцна со Анил турската музика ја споивме со џезот. Музиката го прикажува нашето минато, но и сегашноста. Не треба да се заборават корените“, рече Асу, кој е уметник, музичар и учител.
Шалиел (31) соработувал со голем број поп ѕвезди и џез уметници и има снимено три албуми. На летовите на „Туркиш ерлајнс“ пет години се пуштала негова музика.

Скопскиот концерт е прв од нивните 11 од турнејата низ Балканот. На 6 декември ќе имаат концерт во Гостивар.

Концертот го организира Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје, а влезот е слободен.

Б. НЕСТОРОСКА