На 11 јуни од 20 часот во Македонскиот народен театар, „Танец“ ќе го одржи концертот „Седенка се збира“. Концертот е посветен на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, еден од легендарните македонски музичари од сферата на народната музика.
Во „Танец“ се вработил во 1954 и тука останал до крајот на својот работен век во 1978, кога се пензионирал. 25 години бил раководител на оркестарот, солист на виолина и тамбура, аранжер на песни и инструментални мелодии и автор на музички обработки на кореографии. Исто така, бил и одличен свирач на зурла, меѓу другото и на антологиското оро „Тешкото“. Во архивата на „Танец“ е забележано дека меѓу авторите на музички обработки за 75 години, Ѓорѓи Димчевски е на водечкото место со 25 регистрирани кореографии. Неговото име стои зад постановките „Мариовска тресеница“, „Осоговка“, „Жетварка“, „Водарки“, и други. Димчевски запишал и мелографирал неколку стотици македонски народни мелодии и објавил неколку книги со народни песни и ора,.
На концертот ќе се прикаже документарен филм за Димчевски, чиј автор е Бранка Костиќ-Марковиќ, ќе се игра дел од неговите постановски, како „Осоговка“ и „Водарки“, а ќе пее вокалната група на „Танец“.
Влезници се продаваат по почетна цена од 600 денари.