ТЕХО ТЕАРДО И БЛИКСА БАРГЕЛД В САБОТА ВО МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уникатниот музички проект на Бликса Баргелд и Техо Теардо в сабота ќе може да се слушне во живо во Македонската филхармонија, на концерт што го организира МКЦ Скопје.

Бликса Баргелд е германски пејач, писател, композитор и режисер, најпознат како основач и предводник на легендарната индустријал група „Ајнштурценде нојбаутен“, со која работи од 1980 година.

Тој ја почна соработката со Италијанецот Техо Теардо во 2013 година и заедно имаат снимено три албуми за тој период.

Теардо е музичар, композитор и дизајнер на звук, а има соработувано и на филмови на некои од најпознатите италијански режисери.

Три години по нивниот деби албум „Сѐ уште насмеан“, Теардо и Баргелд се враќаат со целосно нов материјал, во кој за првпат се вклучени и дрвени дувачки инструменти. Испеани на германски, англиски и на италијански јазик, песните од албумот „Најцрниот“ се движат од микроскопски драми до надреалистични епски космички патувања.

Концертот почнува во 20 часот, а билети по цена од 600 денари можат да се купат во Југотон, 1/2 Југотон и на Билетарница МКЦ.