ТОНИ КИТАНОВСКИ ОДБЕЛЕЖУВА 30 ГОДИНИ КАРИЕРА НА ЗАВРШНАТА ВЕЧЕР НА СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопскиот џез фестивал му укажа голема чест на еден од најреномираните македонски џез музичари Тони Китановски, одделувајќи посебна вечер за него, на затворањето на своето 37. издание.

За тоа има и соодветен повод. Со вечерашните настапи во Македонската опера и балет, кои почнуваат во 20 часот, 54-годишниот Китановски ќе одбележи јубилеј три децении присуство на музичката сцена.

„Китановски се смета себеси за композитор кој свири гитара, но неговата прва љубов отсекогаш бил џезот“, се вели во најавата на концертот.

Првиот дел од вечерта е замислен како концертна промоција на „Big City Scare“, дебитантскиот албум на новиот бенд на Китановски, „Панда 5“, во кој членуваат најдобрите млади домашни џез инструменталисти.

На Китановски на сцена потоа ќе му се придружи една меѓународна екипа музичари, вклучувајќи го и Васил Хаџиманов, за завршниот концерт насловен „Тони и пријатели“.

Г. КОНЕВ