ТРИОТО НА ДИНА ЈАШАРИ НА ЛЕТНА ТУРНЕЈА НА ХРВАТСКИ ОСТРОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачката Дина Јашари ќе настапи на четири фестивали во Хрватска кои ќе се одржат на јадрански острови. Со своето трио ќе пее на фестивалот „ТАМ ТАМ“ на Хвар, „Зларин стрит фестивал“ на Зларин, „МАРС“ на Мљет и на „Ластово – остров на музиката“ на Ластово. Јашари ќе настапи како трио, со Драган Теодосиев на тапани и Лука Тошев на гитара.

Претходно, во првиот дел од нејзината летна турнеја низ Балканот, имаше успешни настапи во Крагуевац, Осиек и во Вараждин.

На фестивалот „МАРС“ настапува втора година по ред, а сега заедно со Лука Тошев ќе учествува и на работилниците. Ќе настапуваат заедно и на концертите на Димитрије Димитријевиќ од Србија, Владимир Миќковиќ од Босна и Херцеговина и „МАРС“ оркестарот.

Последниот настап на Дина Јашари во Скопје беше на фестивалот „Прво, па женско“ на 1 јуни, каде што првпат го претстави новото трио. Таа е дел од составот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, кој ќе настапи на отворањето на филмскиот фестивал Синедејс утре (11 јули) во Младински културeн центар во Скопје.