Филмското студио „Дизни“ работи на продолжение на хит-филмот од 2006 „Ѓаволот носи Прада’“, објавија повеќе холивудски медиуми. Сценариото повторно го пишува Алин Брош Мекена, а сѐ уште не е познато кој ќе глуми од оригиналната постава, во која беа Мерил Стрип, Ен Хатавеј и Емили Блант.
Според „Вараети“, приказната ги следи Миранда Присли (која ја играше Стрип) и нејзината кариера како главна уредничка на модно списание среде падот на традиционалното издавање списанија. Таа се соочува со ликот на Блант, која сега е моќна директорка на луксузна група.
Базиран на романот на Лорен Висбергер од 2003, филмот „Ѓаволот носи Прада“ беше хит на светските киноблагајни, заработувајќи 326.7 милиони долари. Стрип доби Златен глобус за најдобра актерка во комедија, како и номинација за Оскар.