УНГАРСКИ ТАМБУРИЦИ И ОРКЕСТАРОТ НА ЏАМБО АГУШЕВ ГО НОСАТ БАЛКАНСКИОТ МЕЛОС НА ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Балканскиот мелос е на репертоарот на четвртата вечер на 18. издание на Офф-фест, на концертите што ќе се одржат во Денсинг салата на Младински културен центар, со почеток во 20 часот.

„Сондорго“ важи за еден од водечките претставници на тамбурашката музика во Унгарија, насочен кон промовирањето на јужнословенската фолк музика, популарна кај заедниците кои живеат долж реката Дунав. И тоа не го прават како дувачки, туку како тамбурашки оркестар. Еден од нивните чести соработници е македонскиот виртуоз на саксофон Фериз Мустафов, со кого имаат снимено и албум во 2009 година.

Атмосферата потоа уште повеќе ќе ја живне „Џамбо Агушеви оркестра“, чиј лидер Џамбо Агушев организаторите на Офф-фест го најавија како меѓународно најпопуларен македонски музичар по Есма Реџепова. Овој дувачки оркестар, кој брои десет членови, почна во Струмица, а денес е вистинска атракција на светската музичка сцена, комбинирајќи ги традиционалните балкански звуци со свинг, џез и поп.