Англискиот пејач и диџеј Џон Њуман, кој се прослави со хитот „Love Me Again“, ќе биде главната ѕвезда на второто издание на „струмички Егзит“, кој ќе се одржи вечерва во Градски парк во Струмица, со почеток во 20 часот. Влезот е бесплатен.
Журката Get EXITed ќе трае до раните утрински часови, а почнува со настапот на оркестарот на Џамбо Агушеви, по што следуваат регионалните ѕвезди Констракта и „Ван Гог“.
Њуман ќе излезе на бината околу полноќ. Триесет и тригодишниот Њуман се проби на светската музичка сцена во 2013, кога се искачи на првото место на британската топ-листа со мегахитот „Love Me Again“, што потоа му успеа и со соработки со „Рудиментал“ и Калвин Харис.
Од еден часот подиумот го преземаат диџеите Бурак Јетер, Лана и „Д Георс“.
Настанот Get EXITed го реализира тимот на Егзит, во соработка со Општина Струмица.
(Фото: Гети)