ВИЕ СТЕ ШАМПИОНИ – „КВИН“ ГО ПОСВЕТИ ХИТОТ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

Лондон, (АФП)

Британскиот бенд „Квин“ објави нова верзија на својата класика „Ние сме шампиони“ (We Are The Champions), со цел да се соберат пари за здравствените работници кои се справуваат со коронавирусот.

Гитаристот Брајан Меј и тапанарот Роџер Тејлор, чија ќерка е докторка и се појавува во видеото за песната преименувана во „Вие сте шампиони“, ја снимиле новата верзија одделно, секој во својот дом во Лондон. Пејачот Адам Ламберт, кој веќе некое време настапува со бендот, ги снимил вокалите во Лос Анџелес.

Приходот ќе оди во солидарниот фонд за КОВИД-19 на Светската здравствена организација.

„Исто како нашите родители и претци кои се бореле за нас во двете светски војни, тие храбри војници на првата борбена линија се нашите нови шампиони. Докторите, медицинските сестри, хигиеничарите, возачите и сите оние кои тивко ги ризикуваат нивните животи за да ги спасат нашите, сите вие сте шампиони“, изјави Меј.