ВЛАДО КАЛЕМБЕР И ДРУГИ ПЕЈАЧИ ЌЕ ГИ ПЕАТ НАЈГОЛЕМИТЕ ХРВАТСКИ ПОП-РОК ХИТОВИ СО ОРКЕСТАРОТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 24 февруари од 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концертот „Ги паметам само среќните денови“ (Памтим само сретне дане). Ќе се пеат хитовите на загрепската поп-рок сцена од 1980-тите и 1990-тите години во придружба на оркестарот на Филхармонијата.

На концертот, кој е насловен по хитот на хрватската пејачка Габи Новак, ќе се изведат песни на „Парни ваљак“, „Прљаво казалиште“, „Нови фосили“, „Сребрна крила“, „Аеродром“, Габи Новак, Јосипа Лисац, Тајчи и други. Новите  оркестарски аранжмани за овие песни се направени од Јосип Цвитановиќ, Оља Дешиќ и Иван Попескиќ, а ќе ги пеат Владо Калембер, Јурица Паѓен, Аида Мушановиќ-Аршиќ, Дејан Цукиќ, Агни Авшар, Мартина Мајерле и Макс Хозиќ. Диригент е Јосип Цвитановиќ.

Минатата година, продуцентот од Загреб Томислав Кашљевиќ организираше сличен концерт во Скопје со хитови од сараевската поп-рок сцена.

„Се обидовме да направиме репрезентативен пресек и веруваме дека публиката нема да биде разочарана“, изјави Кашљевиќ.

„Со оглед на тоа што сега немаме многу среќни денови, многу често сакаме да се вратиме во деновите што беа посреќни. Убава е идејата на организаторите да одржат концерт со хитови од тоа време“, рече Габи Новак.

Габи Новак поради долгото закрепнување од скршеници на раката и колкот, нема да може да настапи на овој концерт.

(Фото: Пиксел)