ВО СКОПЈЕ ИМАМ МНОГУ ПРИЈАТЕЛИ И ЕДВАЈ ЧЕКАМ ДА ДОЈДАМ, РЕЧЕ СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ ПРЕД КОНЦЕРТОТ СО ОРКЕСТАРОТ „ПРОФУНДИС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дела од Чајковски, Паганини, Сен-Санс, Масне, Бацини и Сарасате ќе свири српскиот виолинист со светска кариера Стефан Миленковиќ, кој на 20 септември ќе има концерт во Филхармонијата од 20 часот, објавија од камерниот оркестар „Профундис“ кој ќе го придружува.

Во видеопоздравот до македонскаста публика, виолинистот рече дека едвај чека да свири повторно во Скопје.

„Поминаа речиси пет години од мојот последен концерт во Скопје, кое има прекрасна публика и каде што имам многу пријатели. Едвај чекам пак да дојдам“, рече Миленковиќ.

„Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма оваа сезона. Неговата виртуозност и страст кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти оваа година“, рече Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“.

Миленковиќ ја почна кариерата на шест години, одржувајќи повеќе од 1,000 концерти пред да наполни 16 години. Неговите виртуозност и длабочина на изведбата го направија еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација. На 10 години настапи пред поранешниот претседател на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свиреше за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапи пред папата Јован Павле Втори.