ВОЗБУДЕНИ СМЕ ШТО ПРВПАТ ЌЕ СВИРИМЕ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА НА АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ, ВЕЛИ РУЖИЦА МИЛОШЕСКА-БРЧИОСКА ОД ГРУПАТА „АРЕА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Рок-групата „Ареа“ ќе одржи акустичен концерт во Скопје, во Филхармонијата на 19 април од 20 часот, објави продукијата „Фреш јунион“. Ружица Милошевска-Брчиоска, пејачката во бендот, вели дека таа и колегите се возбудени пред дружењето со скопската публика.

„Последниот самостоен акустичен концерт на ‘Ареа’ беше во октомври минатата година во Центарот за култура во Битола, каде што настапивме пред расположена публика. Оттаму носиме прекрасни впечатоци. Чувствувам голема радост што акустично ќе се претставиме во Македонската филхармонија и тоа за првпат. Сигурна сум дека и овој концерт за нас ќе биде едно возбудливо задоволство и уште сега го чувствувам позитивниот ‘фидбек’ од скопската публика, која секогаш од срце нѐ прифаќа. Овојпат, за разлика од концертот во Битола, ќе настапиме во проширен состав, со гудачки квартет, кој дополнително ќе го збогати звучното доживувањe“, ни рече Брчиоска.

Во 2022, гостиварската група го издаде албумот „Љубов е” и досега имаше повеќе концертни настапи низ Македонија.

„Ареа“ ќе одржи концерт на 19 април во Филхармонијата (Фото: Фејсбук)

На овој албум има 11 нови, авторски песни на „Ареа“ во нивниот препознатлив стил. Три од нив, „Отсекогаш”, „Ангелу мој” и „Јаве или сон”, беа промовирани пред да излезе албумот, а за последната песна беше снимен и спот.

Групата „Ареа“ е формирана во 1991. Наредната година на скопскиот Поп-рок фест ја освои првата награда и доби можност за снимање деби албум. Албумот наречен „Случајно тука”, продуциран од музичката продукција на Македонската радио телевизија, е прогласен за најдобар дебитантски албум на годината.

Во 2000 излезе албумот „Врати на имагинација”, кој постигна голем успех. Песната „Сите мои слики” стана голем хит и ја издигна групата на врвот на популарноста. Во 2005 сними албум на српски јазик, во издание на ПГП-РТС.

М. ЏАРОВСКА