НА 51 ГОДИНА ГО ИСКАЧИВ МОНТ ЕВЕРЕСТ ОТКАКО СЕ БОРЕВ СО НЕПЛОДНОСТ И СЕ РАЗДЕЛИВ СО ПАРТНЕРОТ, ВЕЛИ ПИСАТЕЛКАТА ЏЕСИКА ХЕПБЕРН

Лондон, (Би-Би-Си)

Во моментот кога мислела дека животот ѝ се распаѓа, писателката Џесика Хепберн од Лондон на 51 година решила да се искачи на врвот на светот.

Претходните нејзини спортски достигнувања се пливање во Ла Манш и трчање на маратонот во Лондон.

„Јас сум уметнички, не спортски тип“, вели таа.

Патот до врвот ѝ го олеснило слушањето на секоја достапна епизода од „Desert Island Discs“, познатата емисија на „Би-Би-Си радио 4“, која почнала да се емитува во 1942. Од неа има повеќе од 3.300 епизоди на интернет. Откако Хепберн почнала да тренира во 2017 за да се искачи на 8.848 метри високиот Монт Еверест, таа ги слушала сите.

Во своите мемоари „Спаси ме од брановите“, Хепберн раскажува како додека тренирала за Еверест, во еден момент останала единствената во нејзината група која не успевала да се искачи на Елбрус, највисоката планина во Европа. Лежејќи во вреќата за спиење, исцрпена, но премногу вознемирена за да спие, таа го слушала актерот Тим Робинс како на 50 години почнал да размислува: „Колку години ми останаа? Што е тоа што ќе ме направи среќен? Што не сум го направил, а ќе зажалам ако не го направам?“

За да се искачи на Монт Еверест, Хепберн почнала да тренира во 2017 (Фото: Фејсбук)

Следното утро, таа станала, пешачела до базниот камп и отишла со автомобил до јужната страна, која е малку полесна за искачување. Оттаму успешно се искачила на „врвот на Европа“ и се расплакала од среќа.

Во 2021, поради пандемијата и инфекција на градниот кош, не успеала во вториот обид да го искачи Еверест (нејзиниот прв обид во 2020 исто така бил спречен од пандемијата). Но, се мотивирала од авторот Пауло Коељо, чии размислувања ја убедиле дека треба да се обиде повторно следната година.

„Тогаш сфатив дека убавината на животот се соништата. Тагата доаѓа кога не знаете што сакате од животот“, вели Хепберн.

Откако ѝ била дијагностицирана необјаснета неплодност во нејзините 30-ти години, таа поминала една деценија и потрошила над 70.000 фунти обидувајќи се да стане мајка. Имала 11 неуспешни вештачки оплодувања, повеќе спонтани абортуси и ризична бременост која се покажала речиси фатална за неа. Голем стрес за неа биле и смртта на татко ѝ и раскинувањето на 16-годишна врска со Питер, љубовта на нејзиниот живот.

„Ако имаше олимпијада за ментална издржливост, мислам дека ќе бев шампион“, вели таа.

Честопати додека планинарела се среќавала со помлади кои ја прашувале зошто е таму.

„Јас сум само средовечна жена со сон“, обично им одговарала.

Хепберн е авторка на две книги, „Потрага по мајчинството“ и „21 милја“ (Фото: Фејсбук)

Додека тренирала за првиот обид да го искачи Еверест, таа открила дека слушањето туѓи животни приказни ѝ помага да се чувствува помалку осамена и да го разбере своето страдање.

И покрај тоа, кога конечно се искачила на Еверест на 14 мај 2022, таа не се чувствувала како да постигнала триумф.

„Се чувствував вкочането. Ми требаа шест дена да стигнам од базниот камп до врвот. Бев исцрпена”.

Нејзиното спуштање добило опасен пресврт. Во чудна несреќа, кога била на 8.000 метри, празна боца со кислород се катапултирала од небото во нејзината нога.

„Или паднала од нечија торба, се откачила или некој ја фрлил од планината“, вели Хепберн, која не знаела дали ја скршила ногата.

„Морав да се симнам. Сакав да живеам“.

Хепберн е авторка на две книги, „Потрага по мајчинството“ и „21 милја“.