ДАДО ТОПИЌ ГО ЗАТВОРИ „ОХРИД ФЕСТ“ СО ПЕСНАТА „МАКЕДОНИЈА“ И ПРОСЛАВИ 60 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Рокерот Дадо Топиќ од Хрватска втора година по ред го затвори фестивалот „Охрид фест“ со песната „Македонија“ на сцената на „Долни сарај“ и доби награда за својот 60-годишен јубилеј.

И минатата година, Топиќ исто така настапи последен со истиот хит кој публиката топло го прифати и доби голем аплуаз на крајот.

„Топиќ изрази желба наградата и одбележувањето на јубилејот, да се случи токму на овој фестивал. Му благодариме што ни ја посвети нашата неофицијална химна“, рече водителката Марјана Станојковска пред да го најави Топиќ. Фестивалот, заедно со неа го водеше актерот Дејан Лилиќ кој за првпат води фестивал.

„Во Македонија се чувствувам величенствено, луѓето ме застануваат на секој чекор, на аеродром, на улица, во ресторан, сите се заблагодаруваат за песната ‘Македонија’ и велат: ‘Дадо, ни подари најубава песна, тоа е нашата химна’. Минатата година, песната која ја испеав со групата ‘Тајм’ наполни 50 години и ја имам постојано на репертоар каде и да насташувам“, рече Дадо Топиќ кој соработува со Григор Копров, директорот на „Охрид фест“. Копров пишува песни за новиот албум на Топиќ.

М. ЏАРОВСКА