„ЗДРАВО МЛАДИ 9“ СО ДЕСЕТЧАСОВНА МУЗИЧКА ПРОГРАМА ВЕЧЕРВА КАЈ МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Десетчасовна програма на две бини ќе понуди деветтото издание на фестивалот на независна музика „Здраво млади“, што ќе се одржи вечерва во Скопје.

Бината на отворено за првпат ќе биде поставена во паркчето зад Младински културен центар и таа се отвора во 19 часот со настапот на берлинскиот бенд „Муеран херманос“. Новина е и безготовинското припејд плаќање, според примерот на големите музички фестивали низ светот.

Осум изведувачи се најавени на главната бина, меѓу кои се истакнува името на британскиот состав „Фуџија енд Мијаги“, кој доаѓа во Скопје да го промовира својот осми студиски албум. Исто така, ќе можат да се слушнат Дилон, „Оперејторс“, „Риб“, „Ниплпипл“ и „Свемирко“, додека на бината во МКЦ ќе се одвива техно програмата „Berlin via Skopje“, на која ќе настапат диџеите Вивијан Кох, Конфорс, Алекс Есид и Стојче. Како вовед, од 20.30 часот ќе има соло перформанс на Скот Мекклауд.