Американскиот пијанист Џејсон Моран ја отвора третата вечер на 42. Скопски џез фестивал, со концерт во Националната опера и балет од 20 часот. Музичарот кој се појави на сцената во доцни 1990-ти сними девет албуми за реномираната издавачка куќа „Блу ноут“, а откако беше дел од низа проекти, во Скопје ќе настапи соло со интимен пијано перформанс.
Од 22 часот настапува американскиот вибрафонист Џоел Рос, придружуван од неговиот бенд „Гуд вајбс“. Рос има објавено три високо оценети албуми и настапувал и/или снимал со великани како Херби Хенкок.
Честиот гостин на Скопскиот џез фестивал, шведскиот саксофонист Матс Густафсон, овојпат ќе може да се чуе во тандем со италијанската музичарка Зое Пија (кларинет, лаунедас, перкусии, електроника). Концертот во Младински културен центар почнува на полноќ. Нивната соработка под името РИТЕ почна во 2021, а во мај годинава заедно беа и на првата турнеја.
„Тандемот РИТЕ се занимава со импровизирана музика во нови облици, структури и правци. Уникатен микс со елементи од фолк наследството на Сардинија, самиски јоик, ноиз и сурова електроника, тоа е слободна импровизација, современа музика, фри џез и уште многу нешта“, велат од СЏФ.