ЗВУЦИТЕ НА АФРИКАНСКИОТ ИНСТРУМЕНТ НГОНИ ВЕЧЕРВА НА ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Западноафриканската држава Мали е во фокусот на втората вечер на 18. издание на Офф-фест.

Покрај тоа што во кино Фросина ќе биде прикажан документарниот филм „Мали блуз“, од 21 часот во Денсинг салата на Младински културен центар ќе настапи еден од неговите главни протагонисти, Басеку Кујате, придружуван од семејниот бенд „Нгони ба“.

Офф-фест е манифестација која редовно промовира необични традиционални инструменти. Така Кујате важи за вистински мајстор и амбасадор на нгони, древна лејта карактеристична за регионот на Западна Африка.

„Во рацете на Кујате, овој навидум ограничен инструмент напредна толку многу, што денес ги опфаќа и западните музички стилови, како џез, блуз и рокенрол, што го прави основач на електричниот нгони“, се вели во најавата на концертот.

Во нгони бендот на Кујате членуваат неговите сопруга и двајца синови и тие денес се редовни гости на најпрестижните светски фестивали.